Солзи и клетви за СЈО и судството од поддржувачите, „Главата горе“ им возврати Груевски

Додека во судницата се читаше образложението на пресудата во случајот Тенк пред судската зграда педесетина граѓани со нетрпение очекуваа каков ќе биде исходот. Од сопартијците, поранешни функционери, дојдоа екс градоначалници Коце Трајанов и Ивица Коневски. Тие не ја дочекаа пресудата, но останатите граѓани кога ја слушнаа висината на казната за екс премиерот Никола Груевски се налутија, реагираа бурно, колнеа и плачеа.

Најлошо помина верниот поддржувач на Груевски, Мијалков и ВМРО – ДПМНЕ, Бате Геле. Му се слоши, падна во тревникот пред судот, а останатите се обидоа да го реанимираат. Се уште му беше лошо, па викнаа брза помош по што беше однесен од пред суд.

Од другата страна на градот пак во истовреме се одржуваше пленарна седница во Собранието. Откако веста за пресудата се рашири, пратениците од опозицијата ја напуштија салата. Партијата на Груевски ВМРО – ДПМНЕ излезе со став дека се работи за политички монтиран процес, пресудата најавена од премиерот Зоран Заев, а реализирана од судот. И од таму не знаеја зошто Груевски не присуствуваше на изрекувањето, ама убедуваат дека тој е во Скопје.

После неколку часови од пресудата Груевски се огласи на Фејзбук. Не ја коментираше казната, но ги исцитира сопствените пораки од предизборната кампања за последните парламентарни избори. Со промотивниот видео спот „Главата горе“ повторно ја испорача кон граѓаните неговата порака.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ