
„Сочни“ биографии на кандидатите кои се спомнуваат за нов директор на полицијата
Тасевски, Митиќ, Јакимовски, Зечевиќ, Јовановски- сите овие имиња се провртеа во јавноста како кандидати за нов директор на Бирото за јавна безбедност откако клучната позиција директор е испразнета со разрешувањето на Лазе Велковски. Министерот Спасовски уште е во потрага по името за позицијата која досега никогаш не била без директор поради важноста на Бирото.
Кабинетот на последниот кат во главната зграда на МВР се уште е празен. Нов директор на бирото за јавна безбедност се уште не е ниту предложен од министерот Спасовски ниту назначен од владата. Таа функција привремено ја обавува заменик директорот на БЈБ, Бесир Деари кој иако повеќе од една деценија е на иста функција не се снаоѓал најдобро при работата, тврдат за Телма, безбедносни извори. Министерот Спасовски засега јавно не кажува како тече потрагата по нов директор на полицијата, додека во јавноста се свртеа повеќе имиња.
Прв како кандидат беше посочен пензионираниот Зоран Јовановски, кој извршувал повеќе десетици функции во полицијата, а имаше и тешка повреда за време на службата. Тој не бил контактиран од никого, а според нашите информации тој е избран и за поротник во суд во неговиот роден град.
Организацискиот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ беше посочен како можен нов директор, бидејќи претходно до 2006-та беше и директор на УБК, но ниту тој бил контактиран, а за функцијата терет му е и партискиот ангажман.
Три имиња во актуелната потрага по нов директор се издвоија како сериозни. Сегашниот началник на СВР Скопје Тони Јакимовски, кој ги има исполнето условите за позицијата, но важи за човек близок на разрешениот директор Лазе Велковски што може да пречи во неговото назначување. Во 2004-та бил и шеф на кабинетот на Велковски кој и тогаш беше директор на јавната безбедност.
За директорската функција е заинтересиран и Кирил Митиќ, актуелен советник во кабинетот на министерот Спасовски. Со години е во МВР, ги исполнува условите. И целото негово семејство е во МВР, сопругата била поставена за началник на оддел во 2012-та година, додека син му е вработен во УБК на почетокот на 2015-та година, кога тајната полиција прими над сто нови луѓе, само еден месец пред бомбите и случајот Пуч.
Со началникот на 6-тата управа Сашо Тасевски веќе е разговарано за позицијата, а тој моментално е на одмор. Важи за искусен полицаец, со тоа што безмалку целиот работен век го минал во 6-тата управа за обезбедување на важни личности и објекти, а едно време бил и обезбедување на американскиот амбасадор. На 27-ми април, покажа исклучителна храброст кога сам застана пред маскираните и насилниците и успеа да помогне да спречи поголеми напади врз пратениците, меѓу кои беше и актуелниот министер Спасовски.
Како можни наследници на Велковски се појавуваат уште две имиња иако со минимални шанси, актуелниот началник на одделот за специјални единици во МВР, како и сопруг на пратеничка од владеачкото мнозинство, кој е близок и до екс разузнавачот Верушевски. Во одделот за криминалистика на Бирото има и доктор на науки со речиси тридценеиски стаж, но неговото име засега не се врти како кандидат.
Бирото инаку е најголемиот и најсуштинскиот полициски оперативен дел во МВР, во него спаѓаат сите сектори и полициски станици, специјалните и воздхопловната единица, под јавна безбедност се и одделите за криминалистика, истраги, борба против трговија со оружје, дрога, организиран криминал, како и граничната полиција.
Досега немало случај, директорот да биде разрешен, а да не биде веднаш назначен нов. Сето ова се случува помалку од месец и пол пред референдумот.
Велковски поради скандалот со службениот џип користен за пат на член на семејството во грчки авто камп, беше разрешен на владината седница во вторник, иако пред почетокот на седницата имало проблем со кворумот на владината кадровска комисија предводена од министерот Спасовски.
Миомир Серафиновиќ