Собраниската комисија предлага разрешување на Јанева

Само еден час им беше доволен на 13-мината членови на Комисијата за избори и именувања за да одлучат дека Катица Јанева треба да биде разрешена од прв човек на СЈО. Во тоа ги уверил Извештајот од десетина страници, што Советот на обвинители го испрати до Собранието минатата недела.

Јанева беше избрана со поддршка на сите партии, па видлива е разочараноста од неа, велат од владеачката СДСМ. Очекуваат индивидуалната одговорност да биде утврдена во судска постапка.

Комисијата ја донесе одлуката на затворена седница. Предлогот го даде претседателот Димовски, а го прифатија сите членови. За дел од нив, оваа процедура е непотребна бидејќи Советот одби да го декласифицира материјалот.

За разрешување на Јанева сега ќе одлучуваат сите пратеници на пленарна седница. Предлогот на Комисијата несомнено ја има и поддршката од четирите најголеми партии, како што бара Законот, иако се уште се водат разговори која ќе биде четвртата партија, со оглед на тоа што Алијанса, Алтернатива и Социјалистичка имаат ист број пратеници – по тројца. Конечното разрешување ќе биде во Советот на обвинители, каде што ќе биде испратена двотретинската  одлука на Собранието.        

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ