
Собраниска седница на албански јазик
За прв пат, пленарната собраниска седница беше отворена и водена на албански јазик. 17 дена по објавувањето на Законот за јазици во „Службен весник“, една година по неговото прво гласање во Парламентот и 10 месеци по конечното донесување, претседателот Талат Џафери го искористи своето ново јазично право.
ВМРО ДПМНЕ реагираше дека тоа не е во согласност со Деловникот. Обвини дека ова е предизборен маркетинг и дека продолжува кршењето на собраниските процедури.
„Вашите забелешки се неосновани“, возврати Џафери. Потсети дека законот е влезен во сила, дека цела година го чекал претседателот Иванов да го потпише и дека иницијативата пред Уставен суд не ја замрзнува неговата примена. Поддршка доби од социјалдемократите, за кои, законот е дел од концептот „едно општество за сите“.
Двојазичноста ги подели пратениците, но ги подели и снимателите на галеријата. Можеа да снимаат или на македонски или на албански, но без превод на другиот јазик. За неколку месеци, и таблата со називот на Собранието ќе стане двојазична. На брифингот со новинарите спикерот Талат Џафери посочи дека прво ќе се почека промената на името на државата, а потоа ќе се сменат и таблите.
Соња Николовска