Собраниска делегација во Европскиот парламент во Стразбур

Македонска делегација во следните два дена ќе престојува во Стразбур на 14. Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска Унија – Парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација, информираат од Собранието на Република Македонија.

Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Комитетот ќе ја претставуваат пратениците Горан Милевски, Антонио Милошоски, Бетијан Китев, Ејуп Алими, Реџеп Мемеди и Жаклина Лазаревска.

Во рамките на состанокот, членовите на Мешовитиот комитет од Собранието на Република Македонија и од Европскиот парламент ќе имаат размена на мислења за односите меѓу Европската Унија и Република Македонија со Никола Димитров, министер за надворешни работи на Република Македонија.

Од Собранието соопштија дека според дневниот ред, на состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет пратениците од Собранието на Република Македонија и од Европскиот парламент ќе разменат мислења и за спроведувањето на план 3-6-9, препораките од групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото, со акцент на реформи во судството, изборните реформи, реформи во работата на Собранието, реформи во медиумите, реформи во јавната администрација, соработката со граѓанското општество, потоа меѓуетничките односи, добрососедството и регионална соработка, имплементирањето на Охридскиот рамковен договор, новиот закон за употреба на јазиците и Берлинскиот процес и дополнителните активности по самитот во Трст.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ