Собранието ќе почне со работа

Собранието полека но сигурно се подготвува за првата седница во овој месец. Од кабинетот на претседателот Талат Џафери велат дека тајмингот и дневниот ред ќе се договараат на утрешната координација. Изминативе две недели немаше пленарни седници, главно поради бројните службени патувања на пратениците, па и на самиот спикер. Тој од Вилтон парк се враќа со намера да обезбеди стабилно функционирање на Парламентот.

Партиите велат дека изминатите денови не се залудно потрошени. Работни групи на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ редовно се состануваат за да се усогласат барем околу реформските закони. Постигнат е договор опозицијата да ги поддржи законите за заштитени сведоци и за укажувачи. Треба да се донесат и законите за следење на комуникациите, за формирање оперативно-техничка агенција, за полиција, за внатрешни работи, за јавно обвинителство и други. Лидерот на ДУИ Али Ахмети најави лично ангажирање и средба со лидерот на опозицијата.

Ахмети вели дека нема да врши притисок врз Мицкоски за повлекување на нивните 35 илјади 569 амандмани на Законот за јазиците. Власта и опозицијата решението го бараат кај членот 22 кој ги уредува казнените одредби, а на кој има над 33 илјади амандмани. Ако тој член се повлече или се постигне договор, би останале само околу две илјади амандмани, што нема да води кон блокирање на Собранието. Иако според ДУИ законот си е донесен, тој не може да влезе во правниот поредок додека не ја мине и третата фаза.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ