
Собранието ќе одлучува за имунитетот на Груевски
Никола Груевски се уште го има пратеничкиот мандат, но неговиот имунитет е разнишан. Кривичниот суд побара од Собранието одземање на имунитетот врз основа на мерката притвор што му е изречена за пет судски предмети.
Првото гласање е во Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Ќе заседава уште утре, како што потврди претседателот Павле Богоевски. Потоа, треба да се изјасни и Собранието.
Врз основа на извештајот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, Собранието одлучува во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот, стои во собранискиот деловник.
За ваква одлука на Собранието доволни се 61 глас. Судот бара притвор за поранешниот премиер заради изборни измами – случајот „Титаник“, заради нерегуларности при изградбата на автопати – случај „Траекторија“, заради уривањето на Космос – случај „ТНТ“, заради нелегално финансирање на партијата – случај „Талир“ како и за нарачување „Шамари во Центар“. Независно од оваа постапка, Груевски се уште е пратеник бидејќи во Собранието нема 80 пратеници кои се за одземање на неговиот мандат. Иако е бегалец од правдата, осуден на 2 години затвор во случајот „Тенк“, обвинет или осомничен во повеќе случаи, единствена спроведлива казна за него е намалување на пратеничката плата за 5 одсто, како што најави спикерот Џафери. За шестмесечно неоправдано отсуство од седници, исто така може да се одземе мандат, но повторно ќе биде потребно дво/третинско мнозинство.
За одземање имунитет Собранието одлучувало повеќе пати. Последен пат беше лани во ноември за шестмина пратеници поврзани со 27 април. Ланскиот јули, Груевски самиот побара да му се симне имунитетот и да се соочи со правдата, но Џафери му одговори дека имунитет се зема по барање на овластена институција, а пратеник што сака правда – треба самиот да си поднесе оставка.
Соња Николовска