
Собранието ја потврди довербата во Владата
На гласањето спроведено еден час пред полноќ, само 40 опозициски пратеници изразија недоверба во Владата. Со двајца воздржани и 62-ца против интерпелацијата, кабинетот на Заев покажа дека во Собранието ужива еднаква поддршка како на почетокот од мандатот.
Опозицијата тврдеше дека Владата треба „да падне“ бидејќи за овие 10 месеци покажала неумеење, партизирање на институциите и криминално владеење. Круна на нивните критики беше последната дискусија – на екс лидерот Никола Груевски. Тој рече дека ова е трчи-лажи Влада која секому му ветуваше што сака да слушне. Ги нарече скандали покачувањето на даноците, немањето странски инвестиции, отварањето фабрики договорени од претходната Влада, преговорите за името.
Пратениците од владеачкото мнозинство и министрите своето несогласување со Груевски го изразија со гласно меѓусебно говорење. Заев и директно му се обрати.
Во согласност со деловникот, Заев со 30 минутна дискусија одговори на сите сомнежи и обвинувања. Својот акцент го стави на иднината, очекуваната покана за НАТО, препораката на Европската комисија и планираниот економски развој.
Ова беше прво преиспитување на довербата во оваа Влада. Од присутните 104 пратеници, БЕСА, Алијансата и ДПА гласаа воздржано или воопшто не гласаа.
Соња Николовска