
Собранието ја чека одлуката на Владата за уставните измени
Пленарната седница за уставни измени и седницата на Комисијата за уставни прашања ќе бидат закажани веднаш штом предлогот од владата ќе пристигне во архивата на Собранието. Најрано се очекува тоа да се случи утре претпладне.
Собранискиот Деловник предвидува, по предлогот на Владата, во Собранието да се води претрес во целина, во рок од најмногу 10 дена, по што мора да се донесе одлука за пристапување на измени на Уставот. Дискусиите на пратениците се ограничени на 20 минути, но можат да се јават повеќепати за збор, а координаторите имаат 30 минути. Истото ограничување го има и во Комисијата за уставни измени, со која претседава претседателот на Собранието, а која следи потоа. Во случај да се донесе одлука за измени, Собранието утврдува рок во кој подносителот треба да изготви текст на нацрт-амандманите.
Доколку не се добие потребната двотретинска поддршка за првата фаза, веднаш ќе се гласа за самораспуштање на Собранието, по што ќе следат вонредни парламентарни избори.
На денешната координација кај претседателот на Собранието е побарано да се дозавршат сите комисиски седници за да можат тековните материјали да се стават на веќе закажаната седница на 15 октомври. Овој датум се посочува како најверојатен за распуштање на Собранието, доколку се покаже дека нема мнозинство за уставни измени. Доколку од Владата, пак, инсистираат, предвремените избори да се одржат на 25 ноември, самораспуштањето мора да се случи в среда, на 10 октомври.
Собраниски извори тврдат дека, сепак, ќе се даде шанса на дијалогот, оваа недела да се обезбеди потребното мнозинство. Неофицијално, покрај преговори со опозициските пратеници, има разговори и на лидерско ниво. Но, секое одлагање на распуштањето на Собранието, значи и одлагање на датумот за предвремени избори, што во тој случај се поместува за втори или девети декември.
На владејачкото мнозинство му се потребни уште десетина опозициски гласови за да ја почне постапката за уставни промени. Потоа, двотретинско мнозинство ќе биде потребно и кон крајот на годинава за утврдување на актот и за донесување на уставните амандмани, доколку процесот стигне до таа точка.
Далиборка Дамјанска Цветановска