
Собранието изгласа доверба на владата
Владата на Република Македонија синоќа ја доби довербата од пратениците. 40-те гласови „за“ недоверба на владата беа од опозицијата, 62 пратеника од владејачкото мнозинство гласаа „против“ недоверба, а воздржани беа двајца пратеници – од БЕСА и од Алијанса за Албанците.
12- часовната расправа за интерпелација ја иницираше ВМРО-ДПМНЕ, која за оваа седница го прекина бојкотот и се врати во парламентот.
Премиерот Зоран Заев во обраќањето истакна дека владата наследила тотален колапс, долг од 280 милиони евра, последици од владеење кои биле закани по системот на институциите. Тој го повика Иванов да го потпише указот за законот за употреба на јазиците, а опозицијата да даде поддршка на реформските закони.