Собранието доби пари, но нема план за нивно трошење

Милион и 300 илјади евра пристигнаа на посебната собраниска сметка. Тоа се парите што Владата ги намени за референдумската кампања на Собранието како овластен предлагач на референдумот. Но, Парламентот се уште нема медиа план за нивно трошење. По денешната координација кај спикерот Талат Џафери, нема информација како ќе се распределат парите што 71 пратеник имаат право да ги користат за медиумско претставување на нивниот став „за“. Единствено се знае дека тие ќе користат 59 одсто од времето за повластено рекламирање, односно, ќе можат да закупат 5 минути и 23 секунди на реален час програма. Собраниското координативно тело за референдум треба да одлучи како ќе распредели околу 770 илјади евра, дали ќе ја прифати понудата од сите 130 пријавени медиуми и дали ќе го потроши дозволениот максимум на средства.

Собраниските служби соопштија дека веднаш ќе бидат вратени парите што им припаѓаат на пратениците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. 41 одсто пратеници се изјасниле дека нема да ги користат собраниските пари за својата кампања, но тие пари не може да се пренаменат за други цели, па ќе се вратат во буџетот како неискористени, се вели во одговорот на Парламентот.

Со народни пари ќе се плаќаат лажни пораки за лажна надеж, велат од ВМРО ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ се уште не открива каква кампања ќе води: за гласање против или за бојкот на референдумот. Најавија средби со граѓани и посети на сите домови со сопствени партиски средства.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ