
Собранието бара начин како да ги разреши антикорупционерите
Додека Антикорупциската комисија трет ден убедува дека објавувањето на ревизорскиот извештај е политичка хајка против оваа институција, Собранието бара начини како да ги разреши членовите, ако тие од морални причини сами не си поднесат оставка. Претседателот на антикорупциската комисија повтори дека не чувствува одговорност за ненаменското трошење пари, особено што со финансиите не раководи внатрешно сметководство во ДКСК.
Вчера потпредседателката на Собранието Фросина Ременски се закани дека ако членовите не си поднесат сами оставка Собранието ќе ги разреши. Но според законот тоа може да се случи само ако се осудени на затворска казна поголема од 6 месеци или пак ако се деловно неспособни. Претседавачот на комисијата за именување Хари Локвенец вели дека ако таква иницијатива биде доставена до неговата комсија, тој ќе ја стави на дневен ред, но секако ќе бара вонреден извештај за работата на Антикорупциска во кој ќе биде содржан и ревизорскиот извештај.
Инаку ревизорскиот извештај за трошењето во антикорупциска го изработи УЈП а го објавија медиумите иако е за интерна употреба. Од него беа објавени делови кои откриваат сомнителни трансакции за патни трошоци на членовите на комисијата од внатрешноста. Обвинителството вчера отвори предмет по допрен глас, додека од антикорупциската сметаат дека ова е оркестрирана хајка против институцијата која почна да работи на истраги за корупција меѓу функционери.
Билјана Николовска