
Со труд, волја и упорност, успеала да го совлада невидливиот хендикеп
Христина Божиновска од Битола има 25 години, родена е глувонема и комуницира со знаковен јазик. Со многу труд, волја и упорност, успеала да го совлада невидливиот хендикеп и да се стекне со високо образование. Таа е дипломиран дефектолог и е невработена. Заврши пред една година на Институтот за дефектологија во Скопје, со просечна оценка 8,35.
-За среќа, на мојот факултет, професорите и моите колеги имаа многу разбирање и се потрудија да ми помогнат. Мои колешки го научија знаковниот јазик за да можат да комуницираат со мене. Исто така имав поддршка од семесјтвото и од мојата братучетка која е толкувач на знаковен јазик, таа физички не можеше да биде присутна со мене во Скопје, бидејќи живее во Битола, но преку видео-повици многу ми помагаше, рече Христина.
Својот работен ангажман го гледа во училиштата и заводите за деца со оштетен слух и говор.
-Сакам да им помогнам на лицата со оштетен слух да го подигнат образовното ниво, бидејќи нивниот интелектуален капацитет е еднаков со останатите луѓе кои го немаат овој проблем, а единствената пречка е комунациската баријера која може да се отстрани со посредство на толкувачи на знаков јазик, додва Хрстина.
Лицата со оштетен слух кај нас, ретко се запишуваат и завршуваат факултет. Со високо образование се само неколкумина. Според Христина има голем број причини и пречки за тоа, образованието не е прилагодено за нивните потреби, а има и недостиг на толкувачи на знаковен јазик.
-Сакам да упатам апел до државните институции да обезбедат поквалитетно образование и подобри услови за вработување за нас, и сакам да упатам порака до родителите кои што имаат дете со оштетен слух, да им овозможат да го научат знаковниот јазик, бидејќи така ќе можат многу полесно да ја совладаат наставната содржина, апелира оваа млада девојка.
Додека чека вработување, таа волонтира како придружник на дете со оштетен слух кое учи во редовно училиште. Се надева дека нема да биде заборавена од државата и ќе го најде своето место во општеството.
Емилија Мисирлиевска