
Со скафандери и маски здравствените работници го одбележаа Денот на здравјето
И по 24 часа зад маските, облечени во скафандери, на првата линија на фронтот во битката против Ковид 19, се здравствените работници. Вака изгледаат нивните лица откако ќе се ослободат од заштитната облека за да можат барем на кратко да се вратат дома кај семејствата. Инфектолози, медицински сестри, техничари, анестезиолози – пациентите во нив гледаат спасители на кои им ги довериле животите. Заштитени, но во овие моменти изложени на највисок ризик.
Меѓу здравствените работници кои се први на удар во вонредни околности се и анастезиолозите.
Др Гордана Николиќ е меѓу првозаразните доктори од болницата во Куманово. Таа на својот Фејсбук-профил пишува за нејзината здравствена состојба, како што вели, тоа е нејзиниот болнички дневник. Со емотивна порака, денeска од болничката соба на Инфективна, го честиташе и светскиот ден на здравјето.
„Здравиот човек има илјада желби, болниот само една….да оздрави! Во очекување сум да ми кажат дека имам право на илјада желби. И затоа СЕДЕТЕ ДОМА, зошто нема играње со вирусот Ковид -19. Да , можете да минете и без симптоми, можете и со лесна клинична слика, можете да бидете со средно тешка, тешка или да завршите на респиратор. Ќе играте руски рулет со вашиот живот и живот на вашите деца, родители, баби и дедовци или ќе седите дома, размислете“.
Во моментот меѓу оние кои поминуваат најмногу време со пациенти со Ковид 19, се медицинските сестри на инфективните одделенија. Во тек е обука на нивните колешки од состанатите клиники. Целата помош, велат, е насочена кон инфективна, но паралено се води грижа и за пациентите со сите останати дијагнози. Велат, пандемијата со Ковид 19 им го променила животот за 360 степени.
Дури 10 отсто од вкупниот број заболени во земјава се токму здравствените работници. Вирусот досега е потврден кај 63-ца. 18 од нив се од кумановската болница, каде во тек се анализи за уште 60-тина од вработените.
Весна Јовановска Дојчиновска