
Со швајцарски пари ќе се очучуваат кадри кои не може да ги даде образованието
Со швајцарски пари, 12 милиони евра, во следните 10 години ќе се обучуваат работници кои им се потребни на приватните компании од земјава, но формалниот систем за образование не произведува кадри кои ги имаат соодветните квалификации. Проектот Образование за вработување ќе се реализира преку Стопанската комора на Македонија во соработка со швајцарската Амбасада, и со него компании од седум сектори, како што се угостителството, здравството, личните услуги, земјоделството, прехранбената индустрија, машинството и ИТ секторот, ќе бидат финансирани да вршат обуки на кадри.
Првите договори денеска ги потпишаа три компании и тоа Костел, која произведува делови за автомобили, Ронтис од Велес, за медицински помагала и компанијата КАК, која е од угостителскиот сектор. Обуката ќе трае по три месеци, а фирмите сами ќе одлучат дали во тој период ќе им плаќаат на практикантите, или ќе им обезбедат само сместување, храна и превоз, но ќе имаат обврска потоа да задржат на работа минимум половина од нив. Од компаниите се надеваат дека ќе добијат квалитетни работници, но не знаат дали вака обучените кадри ќе останат да работат кај нив, во земјава, или ќе си одат во другите држави, како Хрватска, Германија и Малта, каде што платите се многу повисоки. И тие ќе ги мотивирале со повисоки примања.