Со новата методологија на ЕУ и земјите-членки ќе можат да ги суспендираат преговорите за членство

Од спроведувањето на реформите ќе зависи темпото на преговорите за членство во Европската унија при што во екстремен случај преговарите ќе можат да бидат ставени во мирување или суспендирани. Ова го предвидува новата методологија која утре треба да ја објави Европската комисија, а чија нацрт-верзија денеска ја објавија неколку светки медиуми. Според документот на кој тие се повикуваат методологијата предвидува и повторно отворање на веќе затворени поглавја доколку има потреба од тоа.

Триесет и двете преговарачки поглавја, како што објави Дојче веле, ќе бидат поделени во шест групи. Првата е насловена како фундаментлани реформи, каде влегуваат поглавјата 23 и 24 – владеењето на правото, правосудството, основните човекови права, функционирање на демократски институции и јавната администрација, како и поглавјата за јавните набавки, статистиката, финансиската контрола. Според предлогот со нив ќе започнуваат и ќе завршуваат преговорите, што не е разчлично многу од старата методологија. Останатите поглавја се поделени во пет групи и тоа внатрешен пазар, конкурентност и инклузивен раст, зелена агенда и одржлива поврзаност, ресурси, земјоделство и кохезија и последниот шестиот – надворешни односи.

Нацрт-документот им удоволува на двете клучни барања на Франција за заострување на условите и реверзибилност на процесот.

Реверзибилноста се дефинира како мерка доколку се утврди назадувањето во фундаменталните услови. Освен Комисијата и земјите-членки ќе имаат право да одлучат да запрат преговорите или да ги суспендираат. Брисел ќе  располага и со мерка за суспензија на финансирањето, со исклучок на граѓанското општество, како и губење на бенефити од поблиска интеграција, како пристапот до програми на ЕУ и унилатералните концесии за пристап до пазари.

Доколку земјите пак добро и брзо ги имплементираат реформите, можат да очекуваат зголемена финансиска помош и инвестиции и поблиска интеграција со политиката, пазарите и програмите на ЕУ во областите каде е постигнат напредок.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ