
Со молебен на Плаошник започна одбележувањето 1000 години Охридска Архиепископија
Со молебен што се одржа попладнево во Св. Климентовиот храм Св. Пантелејмон на Плаошник во Охрид започна централната прослава на јубилејот 1000 години од постоењето на Охридската Архиепископија, чија наследничка е Македонската православна црква.
На чествувањата на милениумскиот јубилеј на ОА, забалежавме претставници на дипломатскиот кор во земјата, министри и други државни функционери, но како што и се очекуваше засега нема претставници на останатите православни цркви, иако, како беше кажано сите тие биле поканети во Охрид.
Инаку, како што објави Телма, дел од научната јавност изрази несогласување со одбележување на јубилејот, истакнувајќи дека тој нема врска со древната Охридска Архиепископија. Историчарот на уметност и научен истражувач Гоце Ангеличин Жура изнесе тврдење дека одбележувањето на овој јубилеј не соодветствува со историските факти и ги доведува во прашање постоењето на Самуиловата држава и наследството од Јустинијана Прима.
Централното чествување на 1000 години постоење на ОА ќе биде заокружено со свечена академија која во овие моменти се одржува во храмот Св. Софија, на која покрај црковните великодостојници присуствува и државниот врв.
Горан Момироски