
Со менување на името да се сменат и правата на албанците и јазикот, бараат интелектуалци
Ако успее референдумот и се менува уставот во делот за името, да се смени и во делот за граѓаните од албанска националност кои живеат тука и нивниот јазик. Ова го бара Советот на Албански интелектуалци во Македонија. Професорите сметаат дека треба да се промени преамбулата и членот седум во уставот. Првото барање е во преамбулата да се впише дека македонија освен што е држава на македонскиот народ и останатите заедници, да биде додадено држава на македонскиот, држава на албанскиот народ, и на националните заедници.
Второто барање е за членот седум, со што наместо само македонскиот со неговото кирилско писмо како службен јазик да биде впишан и албанскиот јазик. Советот на Албански интелектуалци смета дека законот за употреба на албанскиот јазик кој собранието веќе го изгласа, не е доволен за да ги заштити правата на албанците во земјава.
Освен ова здружението прогласило и манифест во кој отвораат три прашања кои би морало да се решат по референдумот, уставот мора да се промени бидејќи е дискриминаторски, со преспанскиот договор да се помени и уставноправниот статус на Албанците и да се спречат нови меѓунационални проблеми за да не се стопираат интегративните процеси во НАТО и ЕУ. Уставни измени за изедначување на народите и јазиците побараа и од БЕСА на Касами, кои најавија дека ќе ги предложат по референдумот ако е успешен. Сојузот на интелекуалци исто така ќе ги достави до Собранието.
Билјана Николовска