Со лична карта низ цел Западен Балкан

Регионалниот совет за соработка (РСС) побара од земјите од Западен Балкан општ договор за слобода на движењето, на првиот неформален состанок на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа со кој претседаваше Косово, соопшти синоќа РСС.

Барањето го изнесе генералниот секретар на РСС, Мајлинда Брегу, повикувајќи се на заклучоците од самитот во Познањ од пред два месеци и наведувајќи дека тој договор може да се постигне врз основа на веќе постоечките билатерални договори со кои се овозможува патување со лични карти.

„Постигнувањето на овој договор меѓу економиите во регионот треба да му се довери на РСС преку спроведување на „Повеќегодишниот план за регионален економски простор“. Лидерите овој предлог често го споменуваа со одобрување и доколку се постигне за тоа договор, РСС е подготвен да помогне оваа цел да се оствари како дел од претстојниот самит на Берлинскиот процес“, рече Брегу.

Таа додаде дека моментот е извонредно поволен. „Хрватска по прв пат ќе го преземе претседавањето со Европската унија, Бугарија и Северна Македонија ќе претседаваат со Берлинскиот процес, Албанија и Северна Македонија се надеваме ќе ги отворат преговорите за пристапување кон ЕУ и процесот за проширување ќе биде во центарот на делувањето на Унијата“, потенцираше Брегу.

Регионалниот совет за соработка е еден вид оперативно тело на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, чиј основач и полноправен член е и Република Северна Македонија.

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ