Со лакт поздрав поради Ковид-19 и увереност за силна германска поддршка,  проштална средба на Димитров со амбасадорот Герберих

Посакувајќи му среќа на амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, Томас Герберих во заокружувањето на неговата повеќедецениска дипломатска кариера,  министерот за надворешни работи Димитров истакна дека, иако со тешко срце испраќаме драг пријател на Северна Македонија, уверени сме дека Германија ќе продолжи да биде силен поддржувач на нашата земјата на европскиот пат, соопшти МНР по денешната проштална средба со амбасадорот

Поради Ковид 19, се користеше новиот лакт поздрав на прошталната средба.

-Во оваа пригода, МНР Димитров ја истакна значајната улога на амбасадорот Герберих во развивањето на билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Германија, како и неговата професионалност и лична посветеност за унапредување на соработката во повеќе области. Потенцираше дека Германија традиционално се вбројува во најважните надворешно-политички и економски партнери на Северна Македонија, укажувајќи при тоа и на фактот што, токму во изминатите три години билатералните односи забележаа огромен напредок. Зголемувањето на заемната економска соработка и меѓусебната трговија ја прави Сојузна Република Германија најголем надворешнотрговски партнер на Северна Македонија, соопштија од министерството за надворешни работи.

Министерот Димитров се осврнал на континуираната и безрезервна поддршка и улогата на Германија во полза на евро-атлантските и европските интеграции на Северна Македонија, што резултираше со неодамнешното заокружување на приемот во НАТО и одлуката на Европскиот Совет за почеток на преговори за членство со нашата земја.

Шефот на дипломатијата на средбата истакнал дека Северна Македонија длабоко ја цени поддршката од Владата и од сите политички актери во Германија и се заблагодари за  искреното пријателство и посветениот ангажман на амбасадорот  Герберих во овој контекст.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ