
Со кој опасен компјутерски вирус беше нападната ДИК? Сменета опрема за ефикасно функционирање на изборниот ден
ГЕФЕСТ 3.0. (Gefest 3.0) е моќниот и злобен компјутерски вирус кој го турна веб сајтот на Државната изборна комисија и зарази информатички фајлови во системот на комисијата по хакерски напад извршен пред 11 дена.
Од ДИК првично тврдеа дека станува збор за технички проблем, но според сознанијата на Телма, бил извршен напад со моќен крипто вирус кој ги шифрира податоците на компјутерскиот систем и оневозможува пристап до нив и употреба на информациите.
Досега не е утврдено како е уфрлен вирусот, но според првичните сознанија најверојатно е дојден преку испратена електронска пошта до некој од вработените на комисијата кој го отворил мејлот по што тој се раширил низ системот.
ГЕФЕСТ спаѓа во таканаречени крипто компјутерски вируси преку кои хакерите бараат откупнина за наводно враќање на податоците иако експертите сметаат дека треба да се избегне давањето пари бидејќи податоците може да се повратат само со специјализирани анти вируси. ГЕФЕСТ спаѓа во Скараб семејството на компјутерски вируси и внатре во него автоматски е инсталирана пораката со која се бара откуп во пари.
Со преводот истражувачите утврдиле дека тие крипто вируси главно носат пораки на англиски, но истражувачите претпоставуваат дека станува збор за вируси креирани од руски хакери затоа што пораката е обичен превод од руски на англиски со гугл транслејт и и ма многу граматички грешки.
Истрагата засега не открила од каде стигнал вирусот. Од ДИК велат дека проблемот е саниран и сметаат дека сајбер безбедноста на системот и на веб страната е на потребно ниво.
Ние извршивме се што побара ИТ секторот на комисијата, распишавме тендер и набавивме нови сервери, опрема, заштита и сето тоа е направено, изјави Оливер Дерковски, претседател на ДИК.
Преку веб страната на ДИК има пристап до избирачкиот список на кој има лични податоци за секој гласач, но надлежните во комисијата тврдат дека тие податоци се безбедни.
По упадот, веб страната на ДИК не работеше неколку денови и на него имаше само тајминг до кога треба да проработи.
Откако е вратен со нова опрема, на него сега има главно податоци за претседателските избори 2019-та, но архивските податоци за резултати од претходни избори се уште не се вратени иако во комисијата велат дека работат и на таа задача.
Миомир Серафиновиќ