Со каков изборен модел ќе се оди на избори

Ќе се промени ли Изборниот модел за предвремените парламентарни избори закажани за 12 април, или граѓаните пак ќе си гласаат по старо?! Власта и опозицијата –  со различни гледишта –  главни политички субјекти во земјава дури и не се сигурни дали има време за промена на моделот или тоа треба да се остави за следни избори. Помалите политички партии пак наголемо апелираат да се испочитува договореното на лидерската средба кај Пендаровски – дека Избирачкиот модел треба да се промени сега. Велат не може политичарите да им го одземат правото на граѓаните сами да си ги бираат парламентарците, и пак во нивно име изборот да го прават политичките партии.

СДСМ се изјасни дека го поддржува  барањето наместо шест да има една изборна единица, односно нов изборен модел до избори.

Заев по лидерската на која беа договорени изборите напролет изјави дека има време да се вметнат препораките на ОБСЕ и ОДИХР, но и да се договорат партии.

Но, за опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак тоа е невозможно на два месеци пред изборот на техничката Влада и пет месеци пред избори. И лидерот Мицкоски порача тоа прашање да се остави за некои следни избори.

Од  коалицискиот партнер на власта ДУИ се на линијата на ВМРО-ДПМНЕ. Промена на изборниот модел во една изборна година е недозволиво. За нив добар е постоечкиот модел со 6 изборни единици. Опозицијата пак во албанскиот блок е за промена. Алијансата на Албанците на Села  излезе  со сосема друг предлог- формирање осум изборни единици. Од БЕСА пак бараат да се гласа во 3 наместо во 6 изборни единици, со отворени листи.

Неодамна, неколку помали политички партии, поддржани од претседателот Стево Пендаровски,  ја отворија дебата за промена на изборниот модел со прецизно барање – Македонија да биде една изборна единица. Но партиите сеуште  не се договориле дали тоа ќе се случи сега пред овие избори, или пак најавите ќе останат празни ветувања како и пред секој избоорен циклус.

Александра Филиповска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ