
Снег и поларни температури до крајот на неделава
Снежните наноси кои ја зафатија Македонија и главниот град го отежнааа движењето во сообраќајот во раните утрински часови. Зимската служба на Град Скопје на терен интервенирала со механизација на јавното претпријатие „Улици и патишта“ со 19 разновидни возила и машини. Во текот на вчерашниот ден и изутрината на градските улици и булевари се фрлени 455 тони индустриска сол. Во моментов функционираат сите градски автобуски линии, со исклучок на автобуската постојка број 3 која оди до Клинички центар, а не до крајната станица Панорама поради снежните наноси, истиот проблем се јавува и со автобуската линија 28 до Македонско село.
Главниот проблем се појавил кај приградските линии и затоа се возело до безбедните места на кои автобусите можело да завртат, но се работи тие проблеми да бидат надминати, вели Васил Илиовски .
„Имаше мал проблем во утринските часови меѓутоа сетоа тоа сега е проодно Пржино малце и Железара меѓутоа сега се е во рад. Податоците ги ажурираме на нашата веб страна каде што патниците можат да се информираат и секое наредно продолжување и скратување ние веднаш го внесуваме да можад гражаните да добијат брза информација и на телефонскиот број и на веб страната“, кажа Васил Илиовски, раководител на ОКЦ на ЈСП.
Во претстојните денови се очекува да се намали интензитетот на снежните врнежи. Највисока снежна покривка изутринава е измерена во Маврови анови 78 сантиметри, во градовите највисока снежна покривка има во Тетово и Дебар, во Скопје изнесува 15 сантиметри. Снежните врнежи ќе се намалуваат во претстојниот период , веќе во петок следи и зголемување на температурите.
„Во поглед на температурите ќе нема некои промени со тоа што утринските ќе бидат и пониски на некои места особено во четврток ќе се спуштат и под минуис 15 степени. Во повеќе места под минус десет, а некаде не е исклучено и минус 15“, кажа Ленче Ризова од УХМР.
Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите. Тие потсетуваат дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и поголемите градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување.
Нина Стефанова