
Случај „Рекет“: Битолски бизнисмен платил 750 илјади евра за идеја за социјални станови
Првата сомнителна трансакција поврзана со рекетот се случила есента 2017-та година, потврдуваат за Телма од повеќе институции задолжени за откривање на криминал. Трансакцијата не била сомнителна само поради висината на префрлената сума од 750 илјади евра. Дополнително сомнеж предизвикале учесниците во трансакцијата, позната градежна фирма чиј сопственик е од Битола уплатил 750 илјади евра на сметка на повозрасна жена која живеела во центарот на Скопје. Жената била дел од структурите на Меѓунаордниот сојуз, хуманитарната организација основана само неколку месеци претходно од Бојан Јовановски-Боки 13.
Кога парите легнале на сметката, банката согласно законските обврски за спречување на перење на пари ги алармирале надлежните финансиски истражни органи. Тие отвориле постапка. Бабата на чија сметка стигнале парите пак заминала во една експозитура откако во централата на банката најавила подигање на целата сума. Пред да ги подигне парите. Првин платила данок од 10 проценти – со што алармот стигнал и до УЈП. Кога жената отишла да го подигне кешот, носела торба, а вработените првин мислеле дека таа е дојдена да си ја подигне пензијата, но потоа сфатиле дека станува збор за огромна сума која веќе им била доставена. Веднаш по излегувањето бабата со торба пари се качила во автомобил и заминала.
Истражните финансиски органи отвориле постапка и на распит ги викнале и бабата примател на парите и претставникот на фирмата која ги уплатила 750-те илјади евра. И двајцата имале иста приказна за причините за големата трансакција. И бизнисменот и скопјанката од меѓунаордниот сојуз кажале дека парите се дадени поради идејата за изградба на социјални станови, која ја промовирала жената на ден на идеи во владата предводена од екс премиерот Никола Груевски.
Неколкупати поранешната влада организираше викенд акции наречени „Ден на идеи“, на кои тогашните министри и премиерот разговараа со граѓани кои претставуваа сопствени идеи за определена состојба во државата. На тие манифестации, скопската пензионерка ја кажала идејата за изградба на социјални станови која била оценета како интересна и изводлива. Бизнисменот тврдел дека со парите всушност ја преземал идејата која подоцна била станала и проект на Меѓуанордниот сојуз на Боки 13, каде членувала и скопјанката која ги извлекла парите во кеш.
Во истрагата двапати исказ давал и Јовановски, кој тврдел дека станува збор за заеднички проект и дека парите биле уплатени преку лично име поради сопственоста на идејата. Истражителите се сомневале и на рекет, но бизнисменот тврдел дека станува збор за заеднички проект со меѓународното здружение, проект кој треба да заврши до 2020-та година. Имало и сомнежи дека бизнисменот само се обидува да извлече пари, но тоа е отфрлено затоа што поради рамниот данок и волку големи суми се оданочуваат со иста стапка од 10 проценти како што бил и данокот уплатен од бабата со идеја.
Поради исказите на вмешаните во трансакцијата, истрагата е оставена без завршеток, односно без осомничени, а ќе може да се отвори единствено доколку до 2020-та година не заврши проектот со социјални станови во Битола кој во моментот не е тргнат од нула. За овој проект дури и битолската градоначалничка Наташа Петровска имала состанок со Боки 13, но не ги прифатила условите на сега првоосомничениот за рекет. Градоначалничката вчера даде и исказ во истрагата на обвинителството.
Од обвинителството не откриваат детали за првичната истрага со 750.000 евра, и на кој начин ќе се користат тие сознанија во актуелната истрага.
Миомир Серафиновиќ