
Случај Алмир: Обвинителството смета дека не е убиство, обвинетиот пуштен од притвор, а неговиот брат им покажа среден прст на роднините на 4-годишна жртва
Пресврт на судењето за смртта на 4-годишниот Алмир Алиу. Обвинителството во завршниот збор одлучи да изврши преквалификација на делото. Сега обвинетиот Бобан Илиќ го гони не за убиство со умисла туку за „тешко дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот “ од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичен Законик.
Од преквалификација се плашеа и претставници на иницијативата Правда за Алмир кои неколкупати протестираа пред државното обвинителство да не се менува кривичното дело за кое е гонет Илиќ бидејќи сметаат дека намерно се движел со својот автомобил кон детето и неговите родители. Обвинетиот пак тврдеше дека се обидел да избега од местото на настанот бидејќи бил цел на физички напад и тогаш ненамерно удрил во детето.
Претставници на иницијативата „Правда за Алмир“ денеска истакнаа дека со одлуката за преквалификација по вторпат се убива 4-годишниот Алмир, а неговиот убиец се пушта на слобода.
Обвинителката во случајот пред судот истакна дека го преквалификувала обвинението, откако се смениле околностите и фактичката состојба по добиените вештачењата кои стигнале во текот на главната расправа.
Обвинетиот Бобан Илиќ на рочиштето е ослободен од притвор. Неговиот брат Бојан Илиќ (за време на трагичниот инцидент бил во автомобилот со кој е удрен Алмир) при заминување од судот им покажа среден прст на роднините на 4-годишниот Алмир Алиу кои негодуваа за одлуката и на судот и на обвинителството.
Доцна попладнево Бобан Илиќ е пуштен од затворот во Шутка. Неговиот адвокат Стеван Павлевски на денешното рочиште побара да даде завршен збор на друго рочиште затоа што не бил подготвен за преквалификацијата.
-Јавниот обвинител со денешната преквалификација испраќа апсурдна порака, на граѓаните им порачува, кога ќе ве нападнат, вие бегајте, но и тогаш ќе одговарате, затоа не сум задоволен, другото ќе го искажам во завршниот збор и ќе полемизирам со правниот став искажан од јавниот обвинител, изјави Павлески.
Завршен збор даде и законскиот полномошник на оштетените, Ибрахим Бајрами , кој рече дека во во определени делови се согласува со обвинението, но дека не се согласува со преквалификацијата.
– Во тој смисол и преквалификувањето на делото од „убиство“ во „сообраќајка“ е спротивно на изнесените докази на последното рочиште. Целата ситуација се разјаснува со траекторијата на движењето на обвинетиот Илиќ каде се крие и умислата. Оставаме на судот да одлучи по однос на сите забелешки, изјави адвокатот Бајрами.
За првпат, претставници на прес службата на Јавното обвинителство по рочиште на некој судски процес дадоа изјава со која тврдат дека и покрај преквалификацијата на делото, максималната казна може да изнесува и 20 години затвор.
-Станува збор за исто така, тешко кривично дело за кое е запретена затворска казна од четири до 20 години. Тагата по загубеното детенце е голема, но, правдата е утеха и оттука ЈО очекува дека судството ќе донесе праведна пресуда врз основа на утврдените факти и на доказите во предметот, изјави Елизабета Недановска, советник во прес-служба на Јавното обвинителство.
Во истиот случај обвинети за насилство се тројца меѓу кои таткото и чичкото на настраданиот Алмир. Нивното судење ќе продолжи, а на крај ќе бидат изречени пресудите.
Алмир Алиу имаше 4 години кога почина откако Бобан Илиќ со мерцедес удри во него. Инцидентот почна со банална расправија во Здравствениот дом во Куманово во јуни 2016-та година.
М.С.