
Следува трета фаза од уставните измени
По тридневна расправа во македонското Собрание беа утврдени нацрт-амандманите со кои ќе се направат измени на Уставот согласно Договорот од Преспа. Со ова заврши и втората фаза од уставните измени.
По усвојувањето на нацрт-уставните амандмани во Собранието предлагачот на уставните измени односно Владата треба да организира јавна расправа од три дена, по што има два дена да подготви извештај и петтиот ден да го достави до Собранието. Претседателот на Собранието Талат Џафери потоа е должен во рок од 30 дена да закаже седница за финално носење на амандамните, за што повторно, како во првата фаза, е потребно двотретинско мнозинство. Со тоа се финализира постапката за уставните измени, кои произлегуваат од Договорот од Преспа.
Од Владата велат дека се отворени за сугестии и бараат од сите пратеници да се вклучат во дебатите за амандманите.