
Следната недела ќе се знае каде ќе се ангажираат вработените по Рамковен
Владата веќе определила каде ќе ги ангажира над 1.600 вработени по Рамковниот договор, кои се уште седат дома, но за нивните плати од буџетот месечно се трошат над 780 илјади евра. Предлог распределба на работните позиции е готова, следната недела треба да го помине владиниот филтер и сите податоци ќе и бидат познати на јавноста. Министерот Манчевски вели дека засега никој од овие административци не го одбил понуденото работно место, иако имаат таква можност.
Реформата е процес кој нема да заврши преку ноќ, ќе мора да трае и долго во иднина.
„Го мразам зборот реформа, треба да се реорганизираме внатре, за да нудиме подобри услуги за граѓаните“, вели министерот Манчевски.
Според него, точно е дека таму има превработеност, но тоа било кај помладите соработнци, а недостигале менаџери и Владата ќе привлекува високостручен кадар.
Македонија добила пониски оценки за реформата на администрацијата за периодот од мај 2015 до јуни 2017, стои во извештајот на СИГМА, а ова се припишува на предизборниот период во 2016 и предолгото формирање на Владата. Од Европа порачаа дека уште нема јасни критериуми при назначувањето на државните службеници на високи позиции, а треба да бидат транспарентни и основите за отпуштање.
Поминаа 19 години од првата стратегија, но сега сме во минус со реформите, така и ќе остане бидејќи ни една Влада нема политичка воља, смета професорот Давитковски.
„Кога ги слушам младиве министри, ми доаѓа да заплачам. Кога доаѓа нова власт сите велат че правиме ова, она, деполитизација, се изнаслушавме. Но, во Македонија не може да има вистинска реформа, бидејќи нема политичка воља“, вели универзитетскиот професор Борче Давитковски.
Имаа што да кажат и од Владата.
„Можеби проблемот е што едни исти луѓе многу време ги пишувале законите, а без да има никакви резултати во насока на подобрување на состојбата. Во насока на она радикално подобрување на транспарентнмоста што го зборував, тоа ќе значи дека ние ќе ги отвориме податоците дури и за хонорари и за години наназад“, рече министерот за финансии Тевдовски.
Транспарентноста на јавните финансии значајно е зголемена, најави министерот, а се планираат и измени на Законот за јавен долг.
Нина Нинеска-Фиданоска