Следење шпиони и терористи- можност за злоупотреба на прислушувањето?

Во реформските закони за прислушувањето и натаму остануваат деловите за следење на комуникации заради заштита на безбедноста и одбраната за кои според експертите постои можност за злоупотреби доколку надзорот за тој тип на прислушување не се прошири.

Новите закони за реформите на прислушувањето утре ќе бидат на прво читање на собраниска седница, ќе се разгледува без опозиционата ВМРО-ДПМНЕ која уште не потврдила кога ќе се враќа во Собранието.

Во предложениот закон за следење на комуникации во делот за прислушување и натаму се наоѓаат мерките кои предвидуваат тајно снимање, фотографирање и филмско снимање на отворени простори и во приватни објекти. Тие мерки се предвидени за следење на комуникации заради заштита на интересите на безбедноста на државата и одбраната.

Од МВР пред Нова година, и министерот Спасовски и директорот на УБК Горан Николовски убедуваа дека таквите предлози биле прифатливи и за странските експерти кои ги помагаат реформите.

-Сите мерки треба да бидат регулирани со закон, бил советот на странците, рече министерот за внатрешни работи Спасовски.

Експертите постојано убедуваат дека токму прислушувањето заради заштите на безбедноста не е регулирано до крај и може да биде злоупотребено.

Законот предвидува дека безбедносното следење на комуникации може да трае максимум две години, а за него не е предвиден ниту целосен надзор од обвинителството и од врховниот суд кој ги одобрува мерките за вакви случаи.

Во законот за Оперативно-техничка агенција –ОТА стои и дека таа нова институција преку која технички ќе се одвива прислушувањето има обврска да прави годишен извештај, а во него не смее да стави ништо поврзано со таквите безбедносно-одбранбени прислушувања.

Член 7, став 3 од Предлог закон за ОТА

Годишниот извештај на ОТА, задолжително содржи податоци за:

            – бројот на активирани комуникации за потребите на овластените органи;

            – бројот на активирани комуникации за секој овластен орган одделно. Во овој број не се наведува бројот на активираните комуникации за потребите на безбедноста и одбраната;

На тој начин, и минималните информации за безбедносно-одбранбени прислушувања ќе бидат далеку од очите на јавноста и на пратениците, а овластени за да бараат такви прислушувања се УБК и Министерството за одбрана. Тоа според експерти може да предизвика слаба контрола и надзор дали овој вид на прислушување се злоупотребува.

Безбедносно-одбранбените следења на комуникациите се предвидени за тешки дела против државата како што се тероризам и шпионажа.

Од друга страна за овој вид на следење на комуникации, се предвидува и користење на „мета“ податоци, односно податоци на операторот за движење на телефоните и комуникациските уреди на лицето кое се следи. И ова решение предизвика згариженост кај експертите за надзор на тајните служби и за заштита на човековите права.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ