
Скринингот за Ковид 19 во Дебар и Центар Жупа на грбот на матичните лекари
Матичните доктори од Дебар и Центар Жупа да повикаат 10 проценти од своите пациенти за да почне скринингот на населението. Ваква наредба добиле лекарите од примарното здравство во овој регион, кој еден месец беше под карантин заради корона-вирусот.
Се чудат како да ја реализираат оваа наредба, бидејќи ако еден лекар има 5 000 пациенти ќе треба да повика дури 500 во својата ординација. Ќе треба да им земе крв и да изработи брз тест за присуство на антитела, а ќе ги повикува според старосни групи.
Ова би значело опасност од зараза и за матичните лекари во Дебар и Центар Жупа. Одлуката доаѓа во време кога се оптоварени со повици од пациенти. Во нивно име денеска реагираше Здружението на матични лекари, кое побара од Министерството за здравство да ја преиспита ваквата наредба.