
Скопското крило на БЕСА ќе бара правда преку суд
Скопското крило на БЕСА ќе поднесе тужба до Управниот суд, со која ќе бараат, за привремен претседател на партијата да се впише Неџбедин Карамани. Документацијата се подготвува, а од одлуката на судот ќе зависи дали оваа партија ќе опстане или ќе се подели. Карамани ја демантира синоќешната изјава на Билал Касами, дадена по средбата со премиерот во владата, дека пратеничката група е единствена.
Касами, пак, синоќа го тврдеше токму спротивното.
Пратеничката група на БЕСА брои пет пратеници. Фадиљ Зендели и Теута Биљали му останаа верни на Касами, додека Африм Гаши и Реџеп Мемеди, застанаа на страната на Карамани.За аналитичарите овој раздор во партијата е очекуван и тешко дека ќе се надмине поради различните интереси кои излегуваат на површина по поразот на локалните избори.За нив ќе биде голем напор да постигнат единство до Конгресот, затоа што внатрешните струи ќе се потрудат тоа да не се случи. Во тој случај, пак, раздорот е неизбежен и од таа партија ќе произлезат повеќе ентитети.
Муслиу, секако, не исклучува и можни надворешни влијанија од други партии, за да се предизвика раздор во БЕСА.
Аналитичарот вели дека, причина за случувањата во БЕСА не е обидот да се добие постабилно мнозинство во Собранието со евентуален премин на пратеници во други партии, затоа што простото мнозинство веќе постои, а за двотретинско и онака е потребен партиски консенсуз. И владиниот портпарол Миле Бошњаковски, денеска изјави дека Владата има парламентарно мнозинство во Собранието, иако на вчерашната седница пратениците не успеаја да изгласаат ниту еден закон, затоа што немаше кворум. Бошњаковски додаде дека со БЕСА не се водат разговори за влез во владејачката коалиција, откако Алијанса за Албанците ги напушти. Тврди дека не се водат разговори на ова ниво ниту со ДПА на Мендух Тачи. Вчера од опозициската коалиција, пак, излезе и пратеникот од Демократската партија на Турците, Јусуф Хасани, а од пред некое време и Амди Бајрам делува независно, што му дава поголеми шанси на владејачкото мнозинство.
Далиборка Дамјанска Цветановска