Скопскиот аквадукт – споменик на негрижата

500 години историја оставени сами на себе, на забот на времето, на студот и жештината, закопани во ѓубре и шут. Споменик на негрижата. Многумина чуле за скопскиот аквадукт, но малкумина го виделе. Го нема на мапите, го нема во туристичките понуди, нема ниту патокази, ниту пристап ниту асфалтиран пат. Кога ќе стигнете таму станува јасно и зошто. Сликата која ќе ја затекнете докажува колку всушност се грижиме за националното богатство и колкгу го почитуваме.

Аквадуктот зад мене, според османлиските извори е изграден на почетокот на 16 век,  пред 1514 година а градител е Мустафа паша, истиот што ја гради и Мустафапашината џамија кај скопското Кале. Некои автори од крајот на 19 век тврдат дека водоводот сеуште бил функционален и еден крак завршувал во џамијата.
Ако призорот и разочарувањето не ве натераат да заминете, тогаш мирисот на фекалии кој се шири од овој канал сигурно ќе го стори тоа.

На лаковите од столбовите сеуште стојат потписите на војниците во Југословенската народна армија кои го служеле воениот рок во касарната Илинден. Последната реставрација на аквадуктот е направена во далечната 1968 година. Долж целиот аквадукт нема столб кој не е оштетен, а еден дел е навален и изгледа како секој момент дека ќе се урне.

Од Управата за заштита на културното наследство сооопштија дека аквадуктот се уште се води како споменик на културата и додаваат дека досега никој не побарал од нив дозвола за реставрација или санација.

Елеонора Петрова Митевска, директор на Управата за заштита на културното наследство

Не така одамна, во февруари минатата година, премиерот Заев најави дека аквадуктот  ќе биде конзервиран и со тоа ќе биде поставен на регионалната туристичка мапа.

Како културно наследство во македонија се водат околу 1.200 објекти меѓу кои има над двесте цркви, триесетина џамии, стотина археолошки локалитети и триесетина тврдини и кули.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ