
Скопскиот аквадукт интензивно оштетен констатирале инспектори од КЦ-Скопје и од УЗКН
Сличните резултатите од извештаите што ги направија инспектори од Градскиот конзерваторски центар и од Управата за заштита на културното наследство, велат дека носечките столбови на скопскиот аквадукт биле интензивно оштетени во последниве 15 дена, а за еден од нив постои опасност да се сруши, вели директорот на УЗКН. Според него не се сите 10 столбови интензивно оштетени, но оштетувањата се продлабочени зашто и порано овој споменик на културата од исклучително значење, бил мета на вандали.
Интензивно се оштетени во поголем обем, помалку од 10 столбови. Не се толку затоа што оштетувања имало и од поодмна. Меѓутоа се продлабочени. % на продлабочување на оштетувањата на половина од тие што ги споменавте како бројка, веројатно е поголем со тоа што недостасува материјалот кој што е извлечен од столбовите и од ѕидовите,
вели Ацо Костов- директор на УЗКН.
Оштетувањата на столбовите на аквадуктот од за сега непознат сторител, се мотивирани од геомеханичките истражувања на тлото околу него, што ги вршеше Градскиот конзерваторски центар поради појава на пукнатини, дополнува директорот на Управата. Барање локалитетот да се стави под надлежност на УЗКН и да се изготват мерки за негова заштита, упатил министерот за култура, на вчерашната владина седница.
Да се изврши експропријација на некои имоти што ги има во околината. И бевме задолжени таа процедура да ја истераме до крај. Да извадиме имотни листови, да се реши сопственоста зашто има проблем, не се знае во атарот на која општина се наоѓа,
вели министерот за култура Хисни Исмаили.
Обезбедување стражарска служба и видео надзор се следните чекори за безбедност на аквадуктот за кои исто така било разговарано, дополни Исмаили. Оштетувањата на столбовите на аквадуктот беа констатирани од екипа на Градскиот конзерваторски центар на 17 октомври, по што беше известено МВР, кое трага по сторителот и од тогаш го обезбедува објектот, чие потекло се врзува и со римскиот и со византискиот и со османлискиот период. За неговата санација и конзервција е изготвен идеен проект и елаборат од ГКЗ и се очекува идната година по завршувањето на основниот проект, да започне заштитата.
Сотир Трајков