
Скопска премира на „Буре барут“ во МНТ
По премиерата во Зеница, копродукцискиот проект „ Буре барут“, вечерва ќе има скопска премиера во МНТ, во рамките на 43 „ Млад отворен театар“. Претставата по тектот на Дејан Дуковски, која зборува за насилството меѓу луѓето денес, ја постави режисерката Нина Николиќ.
Потресена од насилството денес и од тоа што луѓето не учат од своите грешки, режисерката Нина Николиќ решила да даде свое видување на текстот „ Буре барут“, вели таа.
- Во светот просто се се движи во еден затворен, магичен круг, од кој ние поради одредени причини не можеме да избегаме, истакна Нина Николиќ-режисерка на претставата.
Николиќ е задоволна од соработката со актерите од Народниот театар во Зеница, а и тие од неа, како што велат, поради можноста да направат актерска претстава што ја отсликува стварноста.
- Нина како режисерка , низ насилството во претставата ја вметна и љубовта. Мислам дека тоа е клучно за оваа претстава, рече Саша Ханџиќ-актер од БНТ-Зеница.
Во улогата на Ѓорги, вечерва ќе настапи актерот од МНТ ,Александар Михајловски. Тој ќе го оживее ликот кој во праизведбата на „ Буре барут“, го играше неговиот татко, Тони Михајловски.
Вечервашнава скопска премиера на култниот текст на Дејан Дуковски, „ Буре барут“ , се случува 25 години по праизведбата на истиот текст во МНТ и 2 години по неговото поставување во Драмскиот театар, со што тој го прослави својот 70 роденден. „ Буре барут“, овој пат е копродукција помеѓу БНТ од Зеница, Скопје Филм Студио и МНТ.
По Скопје, претставата ќе гостува и во Битола.
Сотир Трајков