Скопје во карантин – улиците празни, од доставувачите најмногу се бараат цигари и алкохол

Празни и пусти улици и тротоари, понекој автомобил и доставувачи. Вака изгледа Скопје за време на шеесет и едночасовниот полициски час. Овие два песа се единствените кои ги сретнавме во Дебар Маало, срцето на градот. Минувачи немаше.

Луѓе најчесто може да се видат пред аптеките, дојдени се за да се снабдат со лекови. Полициските службеници кои патролираат во цнетарот на градот велат дека од утрово не затекнале ниту еден кој нема одобрение да биде надвор.

На булеварите речиси и да нема автомобили а и оние кои се движат се со посебна дозвола. Полициските патроли вршат проверки, а така беше и на овој пункт кај хотелот Континентал.

Полицајците велат дека од утринава само еден скопјанец бил излезен без дозвола.

Таксистите се меѓу ретките кои имаат дозвола да превезуваат патници, но само доколку станува збор за итен случај или потреба. Овој таксист доби токму таков повик. Вели дека нема да наплати бидејќи сака да помогне.

Во градот работат десетина маркети и продавници кои вршат достава на продукти и намирници  до граѓаните. Работа има бидејќи многумина вчера одлучиле да ги избегнат турканиците.

Овој дуќан е во скопската населба Карпош 4. Телефонот зовни нарачки се примаат а според сопственикот на скопјани најмногу им недостасува цигари и алкохол.

Карантинот исто така не влијаеше врз апетитот на скопјани. Доставувачите на брза храна имаат полни раце работа.

Иако во своите домови на ова убаво и сончево време, скопјани наоѓаат начин да му пркосат на лошото расположение. Музика од терасите е еден  од тие начини.

На скопјани им остануваат уште четириесетина часа во изолација. Утрешниот ден исто така ќе мора да го минат во своите домови, а сликата во градот ќе биде речиси иста. Од понеделник повторно ќе се врати животот на овие улици.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ