
Скопје минатата ноќ најзагаден град во Европа
Скопје синоќа повторно во врвот на најзагадени градови во светот. Веб страницата еир висуал кој ја објавува листатат на најзагадени градови го смести на петто место Скопје како најзагаден град во Европа. Пред Скопје се само градови од Индија, Пакистан и Бангладеш. Скопје е најзагаден град во Европа. И без податоци од двете мерни станици во најзагадените општини кои веќе неколку месеци не работат, Скопје континуирано е во врвот на најзагадени градови во Европа.
Кривата која ги прикажува дневните концентрации на ПМ10 честички објавена на сајтот на министерството за животна средина јасно го покажува порастот на загадувањето. Денеска граѓани го наполнија Водно, не веруваат во мерките кои ги преземаат градските власти во борба против загадувањето и велат дека се приморани да се справуваат како знаат и умеат.
Во меѓувреме, градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев на својот фејсбук профил се пофали со методот на аеросолизација кој за прв пат го примениле во неговата општина дека дава резултати и до 70 проценти во намалувањето на загадувањето. Вештачкиот дожд функционира со прскање на вода под висок притисок со што се создава водена прашина која ги спушта пм честичките на земја.
На овој метод реагираат екологистите кои го критикуваат како метод кој досега не се користел никаде во Европа и дека со него се создава кисел дожд со кој доплнително се загадува почвата.
Додека граѓаните чекаат ефикасни и конкретни мерки останува надежта за ветровити денови кои во изминатиот период се покажаа како најефикасно оружје против загадениот воздух.
Јордан Дуков