
Скопје меѓу првите четири најзагадени градови
Утринава на Скопје му припадна четвртото место на листата на најзагадени градови во светот. Таму во друштво е и на други главни градови од Балканот, како Белград, Сараево и Софија. Мерните станици кај нас веќе регистрираат страшни бројки. Во петокот Куманово се гушеше, иако температурите деновиве достигнуваат над 20 степени целзиусови и печките се уште не се распалени. Докторите сметаат дека мерките коишто властите ги преземаат досега се само козметички.
Пред неколку дена мерната станица во Куманово измери 1800 микрограми ПМ10 честички на метар кубен воздух. Од Министерството за животна средина кажаа дека оваа статистика покажува колкаво било загадувањето кога се палел котелот на болницата која што се грее на мазут. Министерот за здравство Филипче за Телма потврди набрзо ќе биде распишан тендерот за замена на мазутот со гас. Во меѓувреме, и другите општини во земјава кои мака мачат со аерозагадувањето се ориентирани кон поеколошки начини на греење. Сепак, тоа како мерка се спомнуваше и во претходните години.
Богдановиќ заедно со другите градоначалници од скопските општини очекува да помине Законот кој ќе овозможи создавање на комунална полиција во општините и Градот, за да се ловат загадувачите. Моментално има тројца комунални редари, еден инспектор за животна средина и инспектор за комунална дејност и сите тие бркаат диви продавачи на Зелен пазар – наместо загадувачи на околината.
Петар Догов