Скопје и Атина во очекување на телефонскиот разговор Заев-Ципрас

Скопје и Атина во исчекување на телефонскиот разговор меѓу премиерите Заев и Ципрас. Се уште нема информација кога тој би се случил. Засега единствената информација која ја дава владата е дека ќе информираат веднаш штом телефонскиот разговор ќе се случи. Премиерот Зоран Заев завчера најави дека најдоцна до денеска ќе разговараат со Ципрас. Грчките медиуми објавуват дека доколку разговорот има позитивен исход, тогаш договорот, најверојатно, би се потпишал во Преспа на трилатерална средба, на која би присуствувал и албанскиот премиер Еди Рама.

Правниот тим на македонското МНР кое во Атина со грчките колеги ја доработуваше рамката која минатата недела ја договорија Димитров и Коѕијас за надминување на спорот, е вратен во земјава.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски синоќа на својот ФБ профил објави дека во Атина со тим од 3 дипломати од МНР направен е договорот за смена на името, со сите подробности, со ерга омнес и измена на Устав.

„Вчера во Атина, со учество на 3 дипломати од МНР, направен е договорот за смена на името, со сите подробности, со ерга омнес и измена на Устав; се чека главните советници за надворешни работи, Башановиќ и Калпадакис да организираат тел.разговор Заев-Ципрас за да се одлучат за одредницата Северна или Нова Македонија! , напиша Милошоски.

„Република Северна Македонија“ е името кое што е во предност во однос на останатите предлози на медијаторот оценуваат грчките медиуми, кои дури разгледуваат и можни датуми кога би се одржала средбата меѓу Заев и Ципрас. „Катимерини“ коментира дека премиерите би се сретнале најдоцна до средината на јуни, пред Самитот на ЕУ закажан на 28 и 29 овој месец, но локацијата каде што би се одржала средбата се уште не е позната. Подршка до лидерите на Македонија и Грција стигна од Стејт департментот од каде порачаа дека заедничко прифатливо решение за проблемот со името ќе биде во интерес на евроатлантската интеграција, економскиот просперитет, мирот и стабилноста во регионот.

Според извештаите во грчките медиуми Атина бара македонската страна да заврши со сите обврски, па потоа евентуалниот договор да се ратификува во грчкиот парламент, односно прво да се заврши со референдумот, а потоа договорот да добие зелено светло од грчките пратеници. Овие наводи се чини дека се потврдуваат со изјавата на  портпаролот на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос според кого нема да постои договор доколку не се прифати ерга омнес и уставна ревизија.

 

Игор Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ