
Скопјани не можат да доседат дома и целосно да ги почитуваат препораките на властите
Скопјани не можат да доседат дома и целосно да се изолираат максимално следејќи ги препораките на властите. Некои карантинот го доживуваат како домашен притвор. Други сметаат дека прошетката во природа и помеѓу луѓе е помала закана за здравјето отколку седењето помеѓу домашните ѕидови. Камерата на Телма уште напладне регистрира шетачи по сите патеки во градскиот парк кои уживаа во пролетта и во време на пандемија.
„Излегов да дишам воздух, да гледам вака убави кучиња, да ја видам мојата прекрасна другарка и да се почувствувам како човек којшто има барем малку слобода бидејќи мојот стан од 52 квадрати веќе почнав да го доживувам како домашен притвор, а ниту на државата ниту на никој ништо не сум згрешила“, велат граѓаните.
„Во денешно време да седиме дома – тоа е поголема болест него ли мерките што се, но тоа е само за мене како поединец. По мене, во природа е побезбедно. Што повеќе движење – толку побрзо ќе исчезне епидемијата“, велат граѓаните.
Дел од луѓето со маски и ракавици, други без заштита. Некои со децата, други шетаат миленичиња. Се движат во помали или поголеми групи. Веќе три недели само паркот е опција за оние кои бираат да прошетаат наместо да седат дома. Сите локали се затворени, сите културни и спортски настани се одложени за друг неопределен датум.
„Пред само три дена овде требаше да биде полно со луѓе бидејќи беше планирано да се одигра натпреварот Македонија-Косово кој е одложен токму поради мерките на Владата“.
Денес е недела и полицскиот час ќе трае повеќе. Од 16 часот, по патеките во Градскиот парк ќе се движат само оние кои мораат – униформирани полицајци кои ќе вршат патроли и ќе ловат непослушни граѓани.
Петар Догов