
Казна од по 2.000 евра за прекршителите на полицискиот час- во Велес, Кавадарци и Неготино има приведени
Според статистиката на Министерството за внатрешни работи во текот на изминатово деноноќие (24/25.03) на територијата на државата по однос на непочитување на забраната за движење во периодот од 21 до 05 часот полицијата евидентирала 103 лица кои не ја почитувале оваа мерка, при што 63 лица биле приведени во полициска станица, 31 лице се опоменати и воедно биле сочинети и девет записници на место на настан.
Исто така, во текот на вчерашниот ден евидентирани се 39 лица на кои им се издадени решенија за изолација и 111 граѓани кои на граничните премини потпишале изјави за самоизолација. Извршени се и 61 контрола во угостителски и други објекти и утврдено е дека само во еден случај не се почитувале препораките и мерките на Владата.
Во Велес синоќа од слобода се лишени четири лица, поради непочитување на полицискиот час, а во Кавадарци и во Неготино по две лица. Против нив ќе биде поднесена соодветна пријава, информираат од СВР Велес кој го покрива овој регион. Инаку, во моментов во самоизолација се наоѓаат вкупно 614 лица од кои 150 во Велес, 305 во Кавадарци и 159 во Неготино, информира портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски.
ОЈО од Битола поднесе предлог до Судот за определување парична казна од 2000 евра , за едно лице, за сторено кривично дело- Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, по член 206, став 1 од Кривичниот законик. Како што соопштуваат од битолското Јавно обвинителство, синоќа околу 22 часот, лицето било затекнато како се движи по улицата „ Илинденска“ , со што ги прекршило донесените мерки за спречување на ширењето на корона вирусот и забраната за движење на населението, во период од 21 до 05 часот.
Ист предлог до Судот за парична казна од 2.000 евра, упати и ОЈО од Гостивар , за лице кое сношти по 21 часот управувало со патничко моторно возило по градските улици. Доставен е и предлог до судот од ОЈО-Скопје, за парична казна од 2.000 евра, за едно лице на 33 години, кое на 12 март се вратило во земјава од Франција, која важи за високоризична земја за ширење на болеста КОВИД-19. Тоа потпишало изјава дека ќе се самоизолира во период од 14 дена, но на 21 март при извршена проверка од полициските службеници, не било затекнато во неговиот дом.
За непочитување на мерките за самоизолација, за три лица од Светиниколе кои се вратиле од држави со висок и среден ризик за ширење на болеста, ОЈО до Судот предложил парични казни, а за две лица , предлозите за казни се однесуваат на непочитување на полицискиот час. Казната за еден од светиниколчаните е 10 евра, а за останатите 4-ца , над 2000 евра. По предлог на Судот од Кавадарци, парични казни може да заработат 4 лица кои потпишале , а не ги почитувале мерките за самоизолација. Едно од нив се вратило од Србија, двајца престојувале во Грција, а четвртото лице поради непридржување до самоизолација, откако пречекало друго лице на граничниот премин „Деве Баир“.
Од Координативното тело на МВР, заедно со началници на сектори, синоќа биле во обиколка на сите пунктови и патроли во државата со цел спроведување на мерките за забрана за движењето. При тоа во ПС во Тетово, се разделени заштитни маски за повеќекратна употреба, ракавици и сретства за дезинфекција. При обиколката на скопските улици во текот на изминатата ноќ, нашата екипа констатира дека генерално граѓаните ја почитуваат забраната за движење. На полицијата поставена на фиксни пунктови и помагаше Интервентната, која е во движење, а биле легитимирани граѓани кои со дозволи се движеле низ градот.
Сотир Трајков