Скопјанец кој работи во здравството во 2017 зел месечна нето плата од 203 илјади евра

Дали е истиот од 2016 година или не, од УЈП не кажуваат, но и во 2017 скопјанец, кој работи во секторот здравство ја зел највисоката плата во земјава, дури 2,7 милиони евра бруто годишно, или месечно 227 илјади евра. Ако се пресметаат платените придонеси, неговата месечна нето плата тежи дури 203 илјади евра, толку чисто се слеваат во неговиот џеб. Само една година претходно, исто така скопјанец од здравствениот сектор, имаше месечна бруто плата од 225 илјади евра, или само две илјади евра помалку. Даночните власти молчат за повеќе детали.

Според познавачите, мотивот да се делат олку високи плати е што придонесите, кои зафаќаат 27,5 отсто од бруто платата, се плаќаат само на висина од 16 просечни бруто плати, па без разлика колкава е земената плата, придонеси се плаќаат само на околу 6.400 евра, се нагоре е ослободено од оваа давачка. Оваа Влада вети дека прагот од 16 плати ќе го тргне, за најдобро платените да плаќаат и повисоки придонеси, но тоа досега не се случи. Од друга страна, платата е трошок, па секој повисок износ ја намалува и основицата за даночење на добивката.

И на фармацевтскиот бизнис му одело добро, вториот најплатен е скопјанец од тој сектор, зел месечна бруто плата од 167 илјади евра. Екстремно високик плати ги има и во компјутерското програмирање, трговија со производи од тутун, метални производи, печки, спортски менаџмент и изградба на станови. Од десетте најплатени, осуммина се од Скопје, двајца од Богданци и Кочани. Највисоки дополнителни примања, пак, надвор од платата, се 62 илјади евра месечно бруто.

Скопјанец е и човекот кој во 2017 имал највисоки вкупни приходи, покрај плата и авторски хонорари, кирии и слично, тој во 2017 заработил вкупно 3,5 милиони евра. Втор на листата е исто скопјанец со приход од 2,7 милиони евра. И овде на осуммината скопјани, им конкуртираат по еден стружанец и битолчанец.

Највозрасниот милионер има 98 години, тој остварил приход над 1 милион денари или 16 илјади евра. Најмладиот, пак, има 15 години, тој работи со икнтернет услуги. 20 години, пак, има комјутерџијата што во 2017 остварил приход од над 10 милиони денари, или над 160 илјади евра.

Од дивиденди и учество во добивката на фирми скопјанец заработил дури 3,3 милиони евра. Прилепчанец ја остварил највисоката капитална добивка од 715 илјади евра, како разлика во цени од купени па продадени акции на берзата.

Жител на Тетово од лото или обложувалници остварил приход од дури 163 илјади евра. Најбогат, пак, бил битолски пензионер, кој покрај ова имал и други примања, или во 2017 вкупно 903 илјади евра, а само од пензија скопјанец зел дури 93 илјади евра.

На крајот на април УЈП ќе почне да ги доставува до граѓаните претпополнетите даночни пријави, па нивните приходи ќе ттеба или да ги корегираат или потврдат.

Сите граѓани што ќе забележат неусогласености, УЈП апелира навреме да реагираат.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ