
Скапата струја во регионот ја прави неатрактивна либерализацијата
Скапата струја во регионот се наведува како една од причините зошто домаќинствата се уште немаат добиено ниту една понуда од компаниите кои имаат лиценци за снабдување со електрична енергија. Иако почна на стартот на годинава, граѓаните се уште не можат да ги почувствуваат придобивките од либерализацијата на пазарот на струја, за што земјава доби критики и од Европската енергетска заедница.
За жал, во изминатиот период снабдувачите, пред сè поради повисоките цени на електрична енергија на пазарот во Македонија но и на регионалниот пазар, каде што цената е околу од 70 до 80 евра за мегават час. Сè уште нема интерес да ги понудат своите услуги на домаќинствата, вели Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.
Властите, пред да стартува овој процес, уверуваа дека со тоа што граѓаните ќе имаат можност да бираат од кого ќе купуваат струја, ќе има можност и да се намали цената на струјата. Засега, пак, од процесот на либерализација, корист имаат малите потрошувачи, дуќанчиња и гранапчиња. Тие склучиле договори со некоја од осумте лиценцирани компании што работат на пазарот, и тоа ги намалило нивните трошоци за 20 до 30 проценти.
Сите граѓани кои нема да излезат на слободниот пазар и ќе решат да останат на регулираниот, каде што се сега и каде цените ги утврдува РКЕ, струја ќе добиваат од Универзалниот снабдувач, кој треба да се избере за десетина дена. Во игра се две компании, ќерки на ЕЛЕМ и ЕВН, на аукција за десетина дена ќе се избере онаа што ќе понуди најниска маржа. РКЕ уверува, цената на струјата за овие граѓани нема да се зголеми.
Нашите очекувања се дека и по изборот на универзален снабдувач, нема да има ценовни шокови за домаќинствата и потрошувачите кои ќе изберат да бидат на регулираниот пазар, вели Бислимовски.
До завршување на сите формалности за да проработи универзалниот снабдувач ќе бидат потребни два до три месеци, дотогаш граѓаните ќе ги снабдува ЕВН како досега.
Нина Нинеска-Фиданоска