СЈО во „Титаник“ поистоветува државни и партиски органи со злосторничко здружение- воведни зборови на одбраната на Груевски

-Незаконито е СЈО да поистоветува политички и владини структури со злосторничко здружување, оценија во денешните воведни зборови адвокатите на Никола Груевски и уште 4-ца поранешни функционери кои се обвинети во случајот Титаник.

Сите 21 обвинети за злосторничко здружение и за изборни нерегуларности денеска присуствуваат на рочиштето во скопскиот кривичен суд. Одбраната смета дека не е возможно да се докаже обвинението на СЈО за делото злосторничкото здружение.

Според адвокатот Дончо Наков- доказите на одбраната ќе покажат дека нишката со која СЈО правно ги поврзува обвинетите се прекинува. Не постои обвинет кој поединечно имал умисла да стори кривично дело и не постои доказ дека обвинет пристапил кон злосторничко здружение, истакна адвокатот Наков.

Досега воведни зборови дадоа тројца адвокати на првите 5-мина обвинети меѓу кои покрај Никола Груевски се и екс министрите Миле Јанакиески и Гордана Јанкуловска, како и поранешните генерални секретари на владата и на ВМРО-ДПМНЕ Мартин Протугер и Кирил Божиновски.

Меѓу обвинетите е и пратеникот Илија Димовски, градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко, поранешната заменичка министерка Билјана Бришковска.

За адвокатите е спорно и како СЈО од вкупно 2680 сведоци, лица кои дале исказ во истрагата, избрани се само 190 кои треба да дадат исказ како сведоци пред суд.

-Има сведоци кои се НН (непознати) лица што е фрапантно, а има и сведоци кои директно биле извршители, но не се обвинети што е контрадикторно, потенцираа адвокатите на обвинетите во Титаник.

СЈО ги обвини дека за изборите во 2011-та и 2013-та извршиле серија кривични изборни дела со гласачи од Пустец и со заплашување на избирачи.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ