
СЈО се откажа од белата куќа на ВМРО-ДПМНЕ
Пред 5 дена (на 12.12..2017) СЈО се откажало од барањето за заштита на законитост со кое бара замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ односно на нивното партиско седиште. СЈО со барањето за заштита на законитоста сметаше дека Врховниот суд треба да ги поништи сите претходни судски одлуки кои оневозможуваа замрзнување на партискиот имот во рамките на истрагата Талир.
Одлуката на Врховниот суд со која се отфрла ова БЗЗ е објавена на сајтот на судот и е донесена два дена откако СЈО го испратило своето откажување од белата палата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Барањето за заштита на законитоста се отфрла. Според член 460 став 1 од Законот за кривичната постапка, ако јавниот обвинител го повлече барањето за заштита на законитоста, судот со решение ќе го отфрли барањето“, пишува во одлуката на Врховен, донесена на 14.12.2017.
Од СЈО не ни одговорија за причините поради кои се откажале од барањето за замрзнување на партискиот имот на поранешната владеачка партија.
Нема информации дали откажувањето е поврзано со евентуално запирање на истрагата Талир или пак е проценето дека замрзнувањето не е од интерес за постапката.
Истрагата Талир е една од двете истраги на СЈО, за кои немаше обвинителен акт, но СЈО ја продолжи постапката. Осомничени беа 14 партиски функционери, меѓу кои и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Истрагата на СЈО се одвиваше во три насоки, една за донацијата вредна околу 5 милиони евра преку изградбата на партиското седиште, втората насока водеше кон фиктивните поединечни донации за партиската сметка кои биле фалсификувани, и трета за купување на недвижен имот за партијата.
СЈО бараше замрзнување на имотот, но судовите го одбија барањето, за на крај преку БЗЗ случајот да биде донесен во Врховниот суд. По две расправи во септември, СЈО пред 5 дена одлучило да се повлече од барањето за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ.
Врховниот суд минатата недела одлучи и по барањето за заштита на законитоста за пресудата по спогодба на обвинетиот Ѕвонко Костовски во случајот Пуч.
Миомир Серафиновиќ