
СЈО – пример за незрелоста на македонскиот правен систем?!
Катица во Шутка, бомбите во Јавното обвинителство, СЈО во историјата, невладините револтирани, правниците испокарани. Неславниот крај на македонската Бијонсе, според експертите, ја покажа целата незрелост на македонскиот правен систем и зависноста од политиката. Универзитетскиот професор, Никола Тупанчевски, во интервју за „Гласот на Америка“ вели дека, начинот на кој се носи законот за јавно обвинителство со кој се решава и статусот на СЈО, со договор меѓу партиите, е еклатантен пример за тоа, како не треба да се носи закон. Се надева дека, на крајот, правото ќе надвладее над политиката.
„Комплексна ситуацијата, временската отсечка или факторот време не е на наша страна како држава, како општество. Така што се надевам дека во наредните десетина дена што ни остануваат до 15 септември, кој што е крајниот рок за постоењето на СЈО ќе се изнајде некакво решение коешто нема да биде политички договор туку ќе преовладуваат или доминираат или ќе бидат превалентни токму правните аргументи“, вели Тупанчевски.
Околу истрагата за случајот „Рекет“, неговиот став е дека, таа мора да се прошири.
„Се гледа само еден дел од сантата мраз. Неколку луѓе кои што во моментов се притворени меѓутоа мое лично мислење а и на повеќето колеги е дека практично тоа е само едно парче од комплексно казнено правниот настан. Токму затоа може и треба да се даде малку време“, додава Тупанчевски.
Тупанчевски е резервиран за идејата, на чело на новото обвинителство да застане странец. Смета дека во Македонија има доволно квалитетни кадри за таа позиција и дека е доволно да се засили контролниот механизам.
Правните експерти се поделени и за тоа, дали постои правна основа државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, да ги преземе предметите од СЈО. За едни ова е крај на ова обвинителство, за други е логично продолжување на веќе започнатиот процес и тек на настаните. Академик Владо Камбовски, смета дека Државниот јавен обвинител со уставната положба има овластување да презема предмети од други обвинителства. Токму на ова и на начелото според кое, јавниот обвинител е должен да преземе кривично гонење ако постојат докази дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност, и Јавното обвинителство ја темели одлуката за преземање на предметите.Одлуката за преземање на предметите беше донесена откако Јовески го прифати барањето на Јанева испратено од притвор, на што реагираше универзитетскиот професор, Гордан Калајџиев. Вели дека, Јанева не може да се однесува во стилот „после мене-потоп„, дека нема овластување ниту во нормални услови, ниту пак сега кога е во притвор да ги делегира предметите од СЈО во друго обвинителство. Обвини дека, можеше да се избере нов јавен обвинител, но дека, за такво нешто не постои интерес, ниту политичка волја од партиите. На крај, со жалење констатираше дека, СЈО било злоупотребено само за да се сруши ВМРО – ДПМНЕ од власт.
Се очекува партиите да постигнат договор за законот во вторник, на лидерска средба, откако вчерашниот неколкучасовен состанок на обвинителите, правниците, експертите и невладините претставници заврши без заклучок.
Далиборка Демјанска Цветановска