СЈО оградено од Јанева и со разнишана „империја”

Прв ден кој СЈО го мина без Катица Јанева, денеска беше неоправдано отсутна, не се јавувала на своите колеги, ниту пак ги известила дека вчера ќе ја поднесе својата неотповиклива и за јавноста ненадејна оставка. Откако се прочу дека Јанева е обвинителката чие познанство е користено за рекетирање на осомничен од СЈО, специјалното обвинителство беше под силна критика и почна да ја губи довербата.

Седум обвинители со подршка на тројца кои се на одмор, во име на сите истражители и вработени во СЈО се појавија да кажат дека работеле законски и не треба да бидат жртви на поединечни грешки. Јанева не ја спомнаа, иако не прецизираат дали се оградуваат од неа, туку се повикуваа на презумпција на невиност. Пораката требаше да им биде дека и по СЈО со Катица, ќе остане СЈО.

Но како дојде до оваа состојба, како нивен осомничен во случајот „Империја“, кого го истражуваат за сериозен криминал, дал милион и пол евра на двајцата бизнисмени и станал сведок на другото обвинителство. Дали притворот кој осомничениот бизнисмен го доби на денот на бегството на Груевски, а лани пред Нова година мистериозно го замени со куќен притвор, навистина е дел од „дилот“ за кој знаела специјалната јавна обвинителка Јанева.

Нејзините до вчера подредени, денеска без прецизен одговор затоа што се води истрага. Не може да се поврзуваат две истраги, а „Империја“ со која е опфатен сведокот со милион и пол евра во кеш, ќе продолжи до крај, тврдат од СЈО и сметаат дека без разлика што соработува со другото обвинителство – ако има докази ќе одговара и богатиот осомничен.

Тоа е помалиот проблем на СЈО, поголемиот е зошто се менувале одлуки за домашен и куќен притвор во „Империја“ на неделно ниво. Надлежната обвинителка на случајот Лиле Стефанова тврди дека сите барања законски ги потпишувала Катица Јанева и така на адресата на шефицата ја препрати и одговорноста.

Империја ги сплете СЈО и обвинителството за организиран криминал во една нишка. За тој случај на СЈО осомничени се Орце Камчев, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделевски, Сашо Мијалков и десетмина други, давателот на милион и пол евра сите го препознаа во првиот на листата, иако обвинителството не соопштува официјално кој е богатиот и осомничен, па рекетиран бизнисмен. Истрагата и за него и за останатите ќе продолжи во зградата на Рузвелтова – а во СЈО сметаат дека ќе останат на достигнатото ниво за борба против функционерски криминал, имиџ кој им го помати скандалот со шефицата Јанева.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ