
И по притворот на Катица, СЈО не се откажува од парите на Камчев
СЈО не знае каде е Орце Камчев, но знае што прави нивниот осомничен во Империја, а сведок во случајот со рекетот. Се следат аукциите за продажба на негови фирми и гасна централа, повелкувањето од управниот одбор на Орка холдинг, фирма вплетката во случајот со Империја.
Сите тие активности Камчев ги презема откако се обзнани дека тој е сведокот за рекетот и тој ги прибавил доказите со кешот. Но оттогаш Камчев како да исчезна од земја, се спомнуваше дека е во Хрватска или во Бугарија. Обвинителката за која осомничениот Камчев вика дека не се плаши не знае каде е иако ги следи неговите активности.
Стефанова вели дека истрагата за Империја сопрела откако Врховниот суд го донел своето правно мислење СЈО да не може да истражува криминал од таканаречените бомби после рокот јуни 2017-та за поднесување обвиненија. Одлуката Јово Вангеловски и уште 16 негови колеги ја донесоа во март и таа постапка се одвиваше паралелно со постапката за притворот на Камчев за што сега е осомничена Катица Јанева.
Нема постапка или истрага да се утврди дали и во одлуката на Врховниот суд има сомнителни влијанија. Камчев и останатите во Империја се осомничен за перење, легализирање на околу 11 милиони евра, но тој со девет пати помалку пари спакувани во Луј витон торба го отвори случајот Рекет каде е сведок и во кој тврди дека му биле барани пари од Бојан Јовановски Боки 13 за полесно да помине низ случајот Империја.
За правниците таа постапка на Камчев има една цел- уништување на СЈО и спасување на криминалците.
-Тоа е целта на овој човек, Орце, што го има целото ова направено. Тој сака да оневозможи СЈО да работи. Зошто ги дава парите? И зошто потоа оди да пријави? За да настане таков „лом“ за да оневозможи работа на СЈО. И одат на линија дека редовното обвинителство не може да ја преземе работата на специјалните обвинители. А зошто е формирано СЈО. Па да ги разреши тие криминални дејствија, вели поранешната судијка во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска.
Јовановски е втор месец во притвор, а денеска го посетиле инспектори од УЈП за да му врачат известување дека се врши надзор врз сметките на Меѓународниот Сојуз Скопје.
УЈП врши проверка и во телевизијата 1 ТВ како и во БМЈ групацијата. Се утврдува начинот на уплата и на исплата на парите како и дали тие трансакции се даночно регуларни.
Миомир Серафиновиќ