СЈО ќе се вклучи во разоткривањето на криминалот во Министерството за култура

Во разоткривањето на криминалот во Министерството за култура ќе биде вклучено СЈО. Ова го изјави новиот министер за култура, Асаф Адеми во врска со објавените извештаи од Државниот завод за ревизија, за финансиското работење на Министерството за култура во 2016 година, каде се констатирани повеќе незаконски дејствија. Како што рече министерот, тој вчера се сретнал со лице од СЈО, а за справување со криминалот, министерството ќе биде отворено и за соработка со други истражни органи и институции.

  • Сите документи каде што ќе се открие криминал, ќе бидеме отворени за во било кое време тие да ги разгледаат. А исто така и другите институции, не само СЈО. Сигурно имаат работа и другите институции, изјави Асаф Адеми- министер за култура.

Во извештаите на Државниот завод за ревизија, констатирано е дека 6 лица противзаконски биле вработени во кабинетот на тогашниот заменик министер за култура, Драган Недељковиќ.  Едно лице земало две плати месечно, работејќи во министерството и како службеник и како возач на министерката Елизабета Канческа Милевска. Ревизорот утврдил дека објектите на МНТ и на Музејот на ВМРО биле отворени без технички прием,  за скулптуралната композиција „ Мајка Тереза“ е направена несоодветна исплата на сретства за изградбата, а театарот во Велес бил граден со неправилности. Во извештаите се наведува и дека 5 милиони евра биле прикажани во ставката Заштита на културно наследство , а биле издвоени за реконструкција на фасадите во центарот на Скопје, како и дека за 11 проекти за печатење книги биле потрошени 9 милиони евра. Како одговорно лице за финансиските извештаи посочена е поранешната министерка Канческа – Милевска, а од министерството тогаш возвратиле со допис дека во иднина ќе ги засилат интерните контроли и дека ќе го регулираат начинот на распределба на сретства.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ