
СЈО го проценувало мерцедесот, но не барало колку вреди „тенкот“
Од Специјалното јавно обвинителство ни одговорија дека во рамките на случајот Тенк се правени вештачења на мерцедесот, но не ја пресметувале вредноста.
-Извршени се две вештачења од страна на вешти лица и тоа: Машинско – сообраќајно вештачење извршено од Тале Герамитчиоски, ангажиран вештак од страна на ЕОС и, Економско – финансиско вештачење, извршено од Страхил Глигороски, вработен во ЕОС. Вештачењата се однесуваат за факти кои се предмет на обвинението. Не е вршена проценка на вредноста на возилото бидејќи, во конкретниот случај, тоа не е потребно, ни одговорија од СЈО на нашите прашања. Оттаму велат дека мерцедесот може слободно да се продава бидејќи предмет на судската постапка не е возилото туку јавната набавка.
СЈО за начинот на набавка на мерцедесот обвини тројца, Никола Груевски како потикнувач, Гордана Јанкуловска и Ѓоко Поповски како извршители. СДСМ и Заев во 31-вата ткнр. бомба го објавија разговорот меѓу Јанкуловска и Груевски во која се договара купувањето на мерцедесот.
Заев како премиер вети дека ќе го продаде мерцедесот купен за речиси 600 илјади евра, но почетната цена за лицитацијата сега 234 илјади евра по проценката на Бирото за судско вештачење.
М.С.