
СЈО е последица на инертноста на Антикорупциската комисија?!
Ако Антикорупциската комисија си ја вршеше работата како што треба, немаше да има потреба од Специјално јавно обвинителство. Во ова се убедени граѓанските организации кои ја следат борбата против корупцијата. Оваа комисија, велат, не функционираше долго време пред да биде блокирана поради оставките на нејзините членови.
Нивните истражувања покажуваат дека, ниту една влада досега не се зафатила сериозно со корупцијата на високо ниво. Тоа важи и за актуелната Влада, која една година не го носи
Законот за спречување на корупцијата, што се чека за да бидат избрани новите членови на Комисијата. Речиси четири месеци никој и официјално не ја контролира работата на функционерите, а предметите стојат во фиоките.
Нацрт-законот е најавен за средината на јули, но од организациите повикуваат, овие и останатите најавени реформи, што побрзо да се спроведат во пракса.
Дел од забелешките се и дека вратите на владата се само подотворени за граѓаните, а транспарентноста на судството е утопија. Потребна е, велат, поголема отвореност за критиките од граѓаните и подигање на јавната свест за притисок кон владата да ги подобри состојбите.
Далиборка Демјанска