Специјалното јавно обвинителство отиде во историјата
Специјалното јавно обвинителство отиде во историјата. Зградата на рузвелтова се испразни од вработените, во нејзиното депо останаа само прислушкуваните разговори. Шефицата Катица Јанева на денот на згаснувањето е во домашен притвор, неправосилно осудена на затворска казна од 7 години за злоупотреба на службената положба.
Нејзините некогашни колеги се уште ги застапуваат обвиненијата во судовите, сега како дел од обвинителствата од кои дојдоа на функцијата специјални обвинители.
Моментот од последниот работен ден со фотографија го овековечија 100 тината вработени во обвинителството. Истражителите се враќаат на работа во МВР, останатите се невработени. Обвинителката Ленче Ристовска поемотивна од нејзината колешка, преку фејзбук статус се прости од колегите а моментот го опиша со гочливо сладок вкус.
За мене СЈО беше симбол за борба за идеали, за правда, интегритет, подобра иднина, борба против злоупотреби на системот, на послабите, на зависните, борба против неказнивост. Начинот на кој згасна СЈО, начинот на кој никој не најде храброст изречно да каже дека се укинува институцијата, мислам дека не заслужува коментар, напиша на фејсбук Ристовска.
Само двајца гонети од СЈО се во затвор Ѓоко Поповски од МВР за случаите Тенк и Триста и бизнисменот Сеад Кочан во Труст. Екс премиерот Никола Груевски е со правосилна пресуда но во бегство, затворска казна ја очекува и екс министерката за внатрешни Гордана Јанкуловска.
Во бегство се и Горан Грујевски и Никола Бошковски обвинети во случајот Тврдина поврзан токму со прислушкувањата. Затворски казни имаше и во случаите Титаник 2 и Титаник 3, меѓу кои осуден е екс шефот на УБК Сашо Мијалков но и лидерот на ДПА Мендух Тачи. Голем дел од процесите но и истрагите немаат разрешница.
Сега сите истраги се во рацете на истите обвинители но во рамки на државното обвинителство. Со новиот закон кој стапува од денес државниот обвинител Љубомир Јовевски убеден е дека предметите ќе добијат разрешница
Обвинителите континуирано постапуваат по сите предмети. Обвинителството нема да ја повтори грешката, кога заради непостапување по конкретните случаи се формира СЈО. Поради тоа, ве уверувам дека овие предмети ќе добијат завршница, тврди државниот обвинител Јовески.
Таканаречените бомби од снимани разговори го формираа СЈО, токму поради снимени разговори шефицата Јанева се соочува со затворска казна.
Истрагата Империја кој го отвори нејзиното обвинителството и ја стави зад решетки, се уште чека на обвинение.
Билјана Николовска